Ефектот Том Брејди: Гронковски ја прекина пензијата и потпиша со Тампа Беј!

Гронковски

Еден од најдобрите играчи во поновата историја Роб Гронковски кажа крај на пензијата и одлучи да биде дел од новата НФЛ сезона.

Корпулентниот 30-годишник направи кратка пауза од терените, но доби убава понуда одново да соработува со Том Брејди. Бившите соиграчи од Њу Ингланд сега ќе ја делат соблекувалната во Тампа Беј и ќе се обидат да освојат уште еден шампионски прстен.

Патриотси за популарниот „Гронк“ испратија и седми пик, а за возврат ќе добијат четврти пик на драфтот. Славната франшиза се уште ги имаше правата за играчот, но на крај одлучи да го испрати во друга екипа.

По освојувањето на Супербоулот против Лос Анџелес Рамс, Гронковски одлучи да се пензионира. „Шоуменот“ на Њу Ингланд ја изненади јавноста, но неговата одлука беше предизвикана од честите повреди, кои му правеа многу проблеми со здравјето.

Во својата богата кариера, трикратниот Супербоул шампион запиша неверојатни бројки. Со 521 примени топки за 7.861 јарди и 76 тачдауни во регуларниот дел од сезоната, Гронковски се смета за еден од најдобрите „тајт-ендови“ во историјата на лигата.