• Горан Упале

Легендарниот квотербек Том Брејди ја продолжува кариерата. Неповторливиот НФЛ ас се предомисли и на социјалните мрежи потврди дека и следната сезона ќе го носи дресот на Тампа Беј Баканирс.
„Во последните два месеци сфатив дека моето место е сè уште на теренот, а не на трибините. Ќе дојде тоа време. Но не сега. Ги сакам моите соиграчи и го сакам моето семејство кое ме поддржува. Без нив ништо од ова не би било возможно. Се вратив за мојата 23-та сезона во Тампа. Имаме незавршена работа“, истакна Брејди.
На први февруари 44-годишниот официјално потврди дека ја завршил кариерата по 22 сезони, во кои освоил седум титули, но на радост на љубителите на овој спорт се предомислил и реши да остане на теренот.
Брејди последните две сезони ги помина во редовите на Тампа Беј Баканирс. Во првата го донесе посакуваниот трофеј, додека во последната сезона тимот од Флорида стигна до конференциското полуфинале, каде беше поразен од Лос Анџелес Ремс.