Тројца победници на прекинатиот Охридски маратон, Цеков најдобар Македонец

Силното невреме што попладнево го зафати Охрид ги спречи учесниците на Oхридскиoт пливачки маратон да стигнат до целта. Трката беше прекината во 14:30 часот од безбедносни причини поради силните бранови, ветрот и грмотевици. Во тој момент во машка конкуренција израмнети на првото место беа Италијанците Матео Фурлан и Федерико Тамборино и Аргентинецот Матијас Диаз Хернандез. Согласно пропозициите тројцата се прогласени за победници на маратонот.

На четвртото место се пласира уште еден маратонец од Италија, Марко Инглима, по кој следат Петар Цеков (Македонија), Хуго Риберо (Португалија), Александар Илиевски (Македонија), Акилјес Балудо (Аргентина) и Леонид Мишевски (Македонија).

Во женска конкуренција водечка во времето на прекинот беше Мајте Ајлен Пука од Аргентина која е прогласена за победничка. Второпласирана беше нејзината сонародничка Ерика Јенсен, а трета Милица Љубисављевиќ од Србија. Четврта на прекинатиот маратон заврши нашата Росана Гошева пред Елена Лоенело од Италија и Алисја Гедриш од Полска.

Наградите на победниците ќе им бидат врачени на свечена церемонија што ја организира претседателката на Република Македонија Гордана Силјаноска-Давкова, која е покровител на Охридскиот пливачки маратон кој го помогнаа и Министерството за спорт, Општина Охрид, Пливачката асоцијалција на Македонија и спонзори.

Наградниот фонд на Охридскиот пливачки маратон оваа година изнесуваше 15 000 евра.

ФОТО: Ohridnews