• Зоран Мишевски
Шеснаесет храбри пливачи го започнаа Охридскиот маратон во Свети Наум, но беа принудени да ја прекинат трката поради големо невреме што го зафати регионот. Дилен ветар, високи бранови, дожд и електрични празнења беа причините што маратонот беше прекинат.
Овој спортски напор има специфична тежина поради лошите временски услови, дотолку што дел од нив беа подготвени да ја продолжат маратонската трка која беше прекината од безбедносни причини. Синоќа во хотелот „Милениум Палас“ во Охрид претседателката на државата Гордана Силјаноска - Давкова приреди прием на кој беа врачени медалите на најуспешните пливачи на 38 издание на Охридскиот пливачки маратон.
Согласно пропозициите, водечките во моментот на прекинувањето на трката се и победници на маратонот. Во машка конкуренција тројца пливачи имаа исто време и беа прогласени за победници: Матео Фурлан и Федерико Тамборино од Италија и аргентинецот Матијас Диаз Хернандез.
Во женска конкуренција водечка во времето на прекинот беше Мајте Ајлен Пука од Аргентина, второпласирана беше нејзината сонародничка Ерика Јенсен, а трета Милица Љубисављевиќ од Србија. Наградите на најуспешните во машка и женска конкуренција ги врачија претседателката Силјаноска - Давкова, градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков, претседателот на градскиот совет Перчо Божиноски и претставници на организаторот, ПК Охридски бранови 2008, на Пливачката асоцијација на Македонија, спонзори и помагатели.
Наградниот фонд на Охридскиот пливачки маратон оваа година изнесуваше 15.000 евра.