Крај на една кариера во голем стил: ТОМИ СТЕФАНОВСКИ Е ПОБЕДНИК НА ОХРИДСКИОТ МАРАТОН

Томи Стефановски e победник на 30. јубилеен Охридски пливачки маратон, кој е дел од ФИНА серијата. Нашиот 43-годишен пливач патеката „Климе Савин“ долга 30 километри од Св. Наум до градското пристаниште во Охрид ја мина најбрзо и така ја заврши професионалната кариера во голем стил.

Второто место се чинеше дека го освои уште еден наш пливач, Евгениј Поп Ацев, кој промаши контролна бова и пливаше надвор од патеката, па мораше да се врати повторно во вода да го доплива маратонот на регуларен начин и задоцни само дел од секундата. Сепак на крајот неговиот резултат беше само трет по последното мерење на времето. Во женска конкуренција триумфираше Олга Козидук од Украина.

На Охридскиот пливачки маратон, што се одржува под покровителство на претседателот на државата Ѓорге Иванов, оваа годија учествуваа 17 пливачи во машка и женска конкуренција. Наградниот фонд изнесуваше 10.000 долари.