• Саше Љолес
Американската пливачка Кејт Даглас направи историски подвиг на Панпацифичкото првенство во Калифорнија, откако двапати во еден ден го собори светскиот рекорд во дисциплината 50 метри слободен стил.
Двократната олимписка шампионка најпрво во утринските квалификации исплива 23,49 секунди, со што за шест стотинки го подобри дотогашниот рекорд на сонародничката и колешка од тренинзите, Гречен Волш.
Но, Даглас најдоброто го остави за финалето. Во трката за златото беше уште побрза и стигна до неверојатни 23,19 секунди, поставувајќи нов светски рекорд само неколку часа по првиот.
Волш го освои среброто со 23,74 секунди, додека бронзата ѝ припадна на актуелната светска шампионка Мег Харис од Австралија со 23,89 секунди.
Даглас и Волш во последните месеци водат вистинска битка за светскиот рекорд. Даглас во јуни постави време од 23,59 секунди, но само девет дена подоцна Волш одговори со 23,55.
Само 25 минути по историската трка, Американката повторно влезе во базенот, овојпат во финалето на 200 метри градно. Таму заврши на второто место со 2:22,57, додека златниот медал го освои Канаѓанката Александрин Лепаж со време 2:21,73.