Евгениј Поп Ацев ќе плива во чест на големиот Нико Нестор

Еден од најуспешните македонски пливачи, Евгениј Поп Ацев, објави дека ќе плива во чест на македонската легенда Нико Нестор и собира финансиска помош за фондација која помага на пливачи од ранливите категории.

Настанот ќе се одржи на 11 јули во Велика Британија, а Поп Ацев ќе ја започне авантурата од пристаништето во Свонси до местото Мамблс. Дистанцата која ќе ја мине македонскиот пливач е седум километри.

„На 11 јули ќе пливам од пристаништето во Свонси до местото Мамблс во чест на Нико Нестор, македонската пливачка легенда и првиот човек од Македонија кој успеал да го преплива Англискиот канал (Ла Манш). Се надевам дека ќе успеам да соберам што е можно повеќе пари за фондацијата Нико Нестор која го промовира пливањето низ светот, дава бесплатни лекции по пливање за деца и млади луѓе од финансиско загрозени семејства“, соопшти Поп Ацев.

Поп Ацев објави линк на кој може да се донираат средства кои ќе бидат донирани, а исто така ги повика и останатите заинтересирани пливачи да му се придружат на овој настан.

Нико Нестор (роден како Никола Несторов) (Струга, 19 јуни 1934 - Скопје, 26 февруари 2016) — е основоположник на македонското маратонско пливање и прв Македонец што го преплива Ла Манш. Тој бил предводник на славната генерација македонски пливачи маратонци заедно со Климе Савин, Атина Бојаџи и Дики Бојаџи кои ги поставиле основите на македонското маратонско пливање.