• Горан Упале
Деветгодишниот Давид Домазетовски од Битола го одбележа вчерашниот пливачки митинг во Штип, кој се одржа во знак на одбележувањето на јубилејот - 65 години пливање во овој град, на кој учествуваа над 150 дечиња родени помеѓу 2004 и 2012 година.
Малиот Домазетовски, кој пред само четири години прежива рак на мозокот, утрово ги одушеви штипјани и останатите љубители на овој спорт кои беа присутни на градскиот базен. И покрај последиците што му ги остави оваа опасна болест, забавена моторика на движење, Давид, метар по метар успеа да ја заврши целта и да постави личен рекорд.
Пред четири години Давид беше ургентно хоспитализиран, по дијагноза на тумор на мозокот со големина на јајце, а и покрај високиот ризик од интервенцијата, проф. д-р Јовица Угриновски во болницата „Аџибадем Систина“ успешно го отстрани туморот. По четиримесечното заздравување од тешката операција и по 31-зрачен третман на трилоги, Давид ја напушти болницата и се врати дома.
Од тој ден, Давид храбро се бори со сите предизвици. Полека секој ден сѐ повеќе и повеќе напредува, и докажува дека и во ова мало тело постои огромна волја, желба и упорност да се истрае и покрај сите сопки што знае да ги приреди животот.
Покрај Давид, големо внимание привлече и најмладиот учесник на овој митинг, петгодишната Лена Милошевска од Скопје, која успеа да исплива 50 метри слободно и градно. Давид и Лена покрај тоа што беа ѕвезди на пливачкиот митинг во Штип, тие се и пример за останатите дечиња дека волјата и љубовта кон спортот нема граница, и дека она што се сака, со многу труд и работа може да се оствари.