Завршена пинг-понгарската сезона, ППК Вардар пак е најдобра екипа

Во организација на ППФМ викендов беа доделени наградите на најуспешните клубови и поединци за натпреварувачката сезона 2018/2019 година, како и доделување на ваучерите на клубовите. На завршната манифестација претседателот на ППФМ, Горан Тиловски во друштво на своите најблиски соработници како и многу истакнати спортски работници од пинг-понгот ја прогласи сезоната за завршена.

На најдобрите играчи во сите категории им беа врачени плакети, а медали им беа доделени на првите тројца во сите категории во поеднечна конкуренција. На најдобрите клубови од Суперлигата им беа доделени исто така признанија и скромни парични награди. Пехарот за најдобра екипа и оваа сезона заврши кај ППК Вардар од Скопје.

Исто така на клубовите им беа доделени и ваучери, со што значително ќе им се помогне во обезбедување на подобри услови за целокупното нивно функционирање.

Веќе од првиот ден на месец јули започнуваат подготовките за следната сезона 2019/20. Преодниот рок за играчи и пререгистрација на играчите ќе се изврши во месец јули, а наскоро сениорската репрезентација ќе учествува на Балканското првенство во Подгорица.