• Зоран Мишевски
Викендов во Берово по трет пат ќе се одржи големиот меѓународен турнир во пинг понг – „Зегин Опен 2024“. Од денес до недела малото гратче во Малешевијата ќе биде домаќин на големото спортско случувања кое прерасна во препознатлива традиција. Натпреварите ќе се одигруваат во Спортската сала „Македонски Бранители“ во Берово.
Овој турнир од година во година привлекува големо внимание и интерес кај натпреварувачи од целиот свет, па така, на турнирот покрај Македонија како земја-домаќин , оваа година учество ќе земат и натпреварувачи од Аргентина, Косово, Бугарија, Нигерија, Киргистан, Србија, Турција, Украина, Грција, Германија, Хрватска и Белорусија.
На овогодинешното издание на „Зегин Опен 2024“ учество ќе земаат вкупно 177 натпреварувачи. Категориите кои ќе бидат застапени на самиот турнир се У13, У15, У19, апсолутна категорија, категории кај ветераните 40-49 години, 50-59 години, 60-69 години и највозрасните 70+ години во машка и женска конкуренција.
Паричната награда за првото место во апсолутна категорија и во машка и женска конкуренција изнесува 1.600 евра, а вкупниот награден фонд на „Зегин Опен 2024“ изнесува 12.000 евра.