Волканоски и Михајловска победници на првиот јуниорски Телеком пинг-понг Мастерс

Денес во Крива Паланка се одржа првиот Телеком Мастерс турнир во пинг-понг за играчи помлади од 18 години. Супер интересни натпревари се главната одлика на овој турнир. Главните фаворити кои беа прворангирани во оваа категорија, Леонид Гошев кај јуниорите и Ана Стојановска кај јуниорките на крајот мораа да се задоволат само со освоените бронзени медали.

Гошев во полуфиналето немаше решение за кинеската магија на Даниел Зхоу Главевски, актуелниот пионерски првак, на кој оваа сезона му е прва како јуниор. Сара С. Стојановска беше поуспешна од Ана Стојановска со 3-2 во крајно неизвесен и изедначен меч.

Во финалето кај јуниорите присутните во ДТВ „Партизан“ во Крива Паланка можеа да следат инфаркт меч, во кој од дуелот Теодор Волканоски - Даниел Главевски Зхоу поуспешен беше Волканоски со 3-2. Во петтиот сет, кој заврши со 15-13 за Волканоски, Главевски Зхоу спаси дури пет меч топки на резултат 10-5 за Волканоски.

Кај јуниорките Бојана Михајловска двапати на овој турнир ја совлада Сара С. Стојановска со 3-0 во групата и 3-2 во финалето.

Јуниори
1. Теодор Волканоски ППК Крушево
2. Даниел Главевски Зхоу ППК Мултитекс
3. Леонид Гошев ППК Винспин, Борис Секулов ППК Астраион
Јуниорки:
1. Бојана Михајловска ППК Рисови
2. Сара С.Стојановска ППК Крива Паланка
3. Ана Стојановска ППК Крива Паланка, Мила Штркова ППК Шампион ФА