Во Пехчево отворен првиот пинг-понгарски камп во Македонија

Во организација на Пинг-понгарската федерација на Македонија, со покровителство на Интернационалниот олимписки комитет и Македонскиот олимписки комитет во Пехчево започна кампот „Пехчево 2020“. Како што истакна претседателот на Пинг-понгарската федерација, Горан Тиловски активноста е дел од програмата за олимписка солидарност.

„Особено ни е драго што сме тука после неколкумесечна пауза заради ситуацијата со пандемијата, така да организацијата на овој настан е една форма на предзивик за нас како организатори да направиме интересен настан, со што ќе го одбележиме почетокот на натпреварувачката сезона. Значи имаме серија на два настани кои ќе ги организираме во Пехчево. Првите пет дена ќе имаме организација на тренинг семинар за тренери во рамки на пинг-понг федерацијата, каде по заршувањето на овој камп и успешно завршување на програмата нашите тренери ќе бидат овластени сертифицирани тренери, со прво ниво во рамки на Светската федерација. Ова е од огромна важност за нашата федерација, бидејки со ова вложуваме во развој на нашите кадри, развој на тренери кои ќе бидат вклучени во растежот на поголем број деца и со поквалитетна работа со младите категории“, вели Тиловски.

После овие пет дена експерт од Франција ќе реализира и камп со најдобрите млади играчи до 18 години. Ваквите кампови се дружење, а дружењето е од големо значење, затоа што придонесува за размена на искуства и знаења за спортот, како и за зголемување на интензитетот на натпреварувањата, кои што се главен предуслов за успех во спортот.