Светските пинг-понг ѕвезди гостуваа во Скопје

Македонскиот олимписки комитет, заедно со Амбасадата на Кина во Македонија, Шангајскиот универзитет за спорт, Кинескиот колеџ за пинг-понг и неговиот европски огранок, како и нашата Пинг-понг федерација, беше дел од посебен настан со две големи имиња од светот на пинг-понгот – легендарната олимписка шампионка Џанг Јининг и светскиот првак Јан Сен, потпретседател на Кинескиот колеџ за пинг-понг.

Раководителот на секторот за спорт во МОК, Петар Спасеновски, упати благодарност до Кинеската амбасада и ја истакна посветеноста на МОК кон развојот на младинскиот спорт, подобрување на условите за тренинг и создавање можности младите спортисти да го достигнат својот потенцијал и да постигнуваат резултати на светско ниво.

Овој настан добива дополнително значење во годината кога се одбележуваат 55 години од „пинг-понг дипломатијата“ – историски пример за тоа како спортот може да отвора врати, да создава пријателства и да ги поврзува луѓето и културите.