Стојановска и Волкановски државни прваци во пинг-понг на средните училишта

Вчера во Гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Битола, а под покровителство на ФУСМ и во техничка организација на ППФМ, се одржа државното првенство во пинг-понг за средни училишта. На првенството учествуваа повеќе од 40 натпреварувачи од средните училишта од Македонија.

Турнирот помина во одлична организација за што сите пофалби одат на адреса на домаќинот на ова натпреварувањето. Кај средношколците првиот носител и фаворитот за првото место Дамјан Стојчев од Свети Николе беше поразен во полуфиналето од Даниел Зхоу Главевски, ученик во Гимназијата „Јосип Броз Тито“. Домашниот терен на Главевски се покажа како предност и за првпат во меѓусебните дуели успеа да го совлада Стојчев со 3-0 (13-11, 11-8, 13-11) во крајно драматичен и неизвесен натпревар. Во второто полуфинале Теодор Волканоски со 3-1 славеше против Леонид Гошев.

Главевски и Волканоски во финалето го одиграа најдобриот меч на турнирот кај средношколците. Првите два сета му припаднаа на Волканоски со идентичен резултат со 11-9, за потоа Главевски понесен од спектакуларното навивање од неговите соученици, навивање кое ретко се гледа на пинг-понгарските натпревари, успеа комплетно да се врати во натпреварот, добивајќи ги третиот и четвртиот сет со резултат од 12-10. Кога се доби впечаток дека Главевски ќе направи комплетен пресврт, добро отворајќи го резултатото во петтиот решавачки сет, Волкановски беше подобро концентриран и играше без грешка за на крај да слави со 3-2, со што заслужено го освои златниот медал. Во натпреварот за третото место Стојчев беше подобар од Гошев со 3-0

Средношколци:
1. Теодор Волканоски
2. Даниел Зхоу Главевски
3. Дамјан Стојчев

Кај средношколките пред почетокот три натпреварувачки беа фаворитки за златото: Ива Димитриевка, Ана Стојановска и Бојана Михајловска. На крајот на првото место му се радуваше Ана Стојановска, која во финалето со 3-0 славеше против Бојана Михајловска. Михајловска и Димитриевска го одиграа најдолгиот натпревар на првеството. Во полуфиналето Михајловска со 3-2 славеше во натпреварот со Димитриевска. Во второто полуфинале Стојановска беше подобра од Добринка Сотирова.

Во борбата за третото место Сотирова ја совлада Димитриевска.

Средношколки:
1. Ана Стојановска
2. Бојана Михајловска
3. Добринка Сотирова