Станојковски и Ристовска се нови државни прваци во пинг-понг

Овој викенд во СЦ „Форца“ во Скопје повторно на едно место се собраа најдобрите пинг-понгари од државата на едно место. Овој пат настанот беше, највисоката форма на натпреварување во поединечна конкуренција, Државното првенство за сениори за 2019 година.

На првенството учествуваа околу 90 играчи од сите места од Македонија ,каде што има клубови. Бидејќи станува збор за натпреварување од отворен карактер оваа година учествуваа и тројца државјани на Македонија кои живеат надвор од границите на нашата земја.

Во машка конкуренција фаворитот Кристијан Станојковски по деветти пат се закити со титулата државен првак и ја оправда улогата на фаворит. Во женска конкуренција, иако учествуваа помал број на натпреварувачки, имаше многу поинтересни и неизвесни натпревари. 

Во машкото финале Станојковски фуриозно го започна првиот сет и рутински дојде во водство од 1-0. Наредните три сета натпреварот беше рамноправен и Јочкоски воспостави резултатска рамнотежа, после четири одиграни сетови резултатот гласеше 2-2. Во петтиот и во шестиот сет Станојковски значително го подигна нивото на игра и рутински го заврши натпреварот со 4-2 во своја корист.

Во женското финале, Ристовска лесно поведе со 2-0, но Стојановска во израмнета борба изедначува на 2-2. Сепак, Ристовска во последните два сета влегува поконцентрирано, не прави неизнудени грешки и убедливо ги добива петтиот и шестиот сет, за победа од 4-2 за освојување на титулата државен првак.

Резултати на Државното првенство:

Мажи:
1, Кристијан Станојковски
2. Ѓоко Јочковски
3. Филип Младеновски, Сашко Богатинов

Жени:
1. Дијана Ристовска
2 . Ана Стојановска
3. Билјана Младенова, Ива Димитриевска

Мажи двојки:
1. К.Станојковски/Ж.Апостолоски
2. Ѓ.Јочкоски/А.Штаргоски
3. А.Кралев/Ф.Младеновски, Д.Жоговски/Р.Михајловски

Жeни двојки:
1. Д.Ристовска/Б.Младенова
2. А.Стојановска/И.Димитриевска
3. М.Штркова/С.Стојановска, А.М.Димитрова,Б.Михајловска

Мешани двојки:
1. Б.Младенова/Ѓ.Јочкоски
2. Б.Михајловска/К.Томовски
3. И.Димитриевска/П.Костовски, Д.Ристовска/Ж.Апостолоски

Следно големо натпреварување во сениорска конкуренција е ТОП 12 турнирот, на кој ќе учествуваат најдобрите 12 играчи на ранг листата.