Следниот викенд почнува пинг-понгарската сезона во Македонија

В сабота и  в недела на 21 и 22 септември почнуваат првенствата во сите лиги во пинг-понгарскиот шампионат на Македонија. Во машка конкуренција ќе се натпреваруваат 33 клубови поделени во три различно рангирани лиги.

Во Суперлигата, која е најквалитетна, ќе се натпреваруваат осум клубови, исто колку и во Првата лига. Клубовите од Втората лига се поделени во три региони, два региони по шест клубови и еден регион со пет клубови.

Во женска конкуренција има една лига со седум екипи. За сезоната 2019/20 пријавени се вкупно 281 играч во сите конкуренции, од кои 126 играчи се помлади од 21 година. Првенството во двете најквалитетни лиги започнува со првиот турнир, каде што во првото коло ќе се сретнат финалистите од плеј-офот Вардар и Младост. Се очекува тоа да биде дерби на есенскиот дел, бидејќи прилепски Младост е засилен со играч од соседна Србија.

После првите два турнири во Скопје, следува интернационален турнир за јуниори и кадети, на кој своето учество го пријавија повеќе од 100 играчи. Турнирот ќе се одржи во СЦ Борис Трајковски од 8 до 12 октомври.

Љубителите на пинг-понгот ги очекува интересна есен со случувањата од пинг-понгарското првенство и турнирите кои следуваат.