Првиот човек на светскиот пинг-понг гостин на ИТТФ турнирот во Скопје

Денес, во просториите на Агенцијата за млади и спорт се одржа прес конференција по повод ИТТФ турнирот за јуниори и кадети во А1 Арена при СЦ „Борис Трајковски“, кој започна вчера, а ќе трае до 12 октомври.

На прес конференцијата говореше претседателот на Светската пинг-понгарска федерација, Томас Ваикарт, кој се заблагодари за целокупната организација на турнирот, им посака многу среќа на сите учесници и изрази надеж дека пинг-понгот во Македонија ќе се афирмира се повеќе меѓу младите. Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски исто така истакна дека организацијата на овој турнир е многу важна за подигнување на овој спорт и искажа задоволство од тоа што Скопје е домаќин на еден ваков турнир од светски размери.

На прес-конференцијата се обрати и претседателот на Македонската пинг-понгарска федерација, Горан Тиловски, истакнувајќи дека во последниот период се прават напори да се отворат се поголем број на пинг-понгарски школи каде младите ќе можат да ги изучуваат вештините на играта, па и да се стремат кон постигнување на меѓународни успеси.