• Зоран Мишевски
Двете пинг-понгарски екипи на Младост 96, машката и женската, имаат нескриени амбиции за освојување на титулите државен шампион на Македонија во претстојнава сезона. Ако се има предвид што се случуваше во летниот преоден рок, амбициите не се нереални.
Машката екипа Младост 96, актуелен вицешампион на Македонија, во своите редови го доведе 19-годишниот Бугарин Георги Стојанов, досегашен член на Пелагонија од Битола. Покрај него во Младост 96 пристигна 50-годишниот Ѓоко Јочкоски од прилепска Младост, човек којшто ќе извршува во две улоги – играч и тренер на сениорскиот и младинскиот тим. Други членови на клубот се: 38-годишниот Ѓорѓе Борчиќ (Србија), Антонио Стомнароски, Андреј Лашкоски, Нико Доага, Петар Костовски (тренер во САД), како и 14-годишниот Трајче Маркоски (со двојна регистрација за младинската и сениорската екипа).
И женската екипа Младост 96 промовираше засилувања: 24-годишната Ива Димитриевска и 15-годишната Матеја Смолиќ (двете од скопски Рисови), 18-годишната Софија Хасану (Младост), како и Стела Цариду (Грција) се нови членки на прилепскиот тим.
Почетокот на првенствата е закажан за почетокот на октомври, а дотогаш нормално се одвиваат подготовките.