Пријавени четворица македонски пинг-понгари на СП во Будимпешта

Уште една недела до почетокот на Светското првенство во пинг-понг, на кое ќе учествуваат 620 натпреварувачи и натпреварувачки во унгарската престолнина Будимпешта. Во натпреварите во сингл во машка конкуренција пријавени се 312 играчи од 113 земји.

Максимални пет натпреварувачи (тројца со право, плус по еден од првите 20 и 100 на светската ранг листа) имаат седум држави - Бразил, Кина, Германија, Јапонија, Кореја, Шведска и кинески Тајпеј, а домаќините ќе настапат со шест натпреварувачи. Шампионот на Македонија, Кристијан Станојковски и Петар Костовски се нашите претставници во машкиот дел на првенството..

Кај жените, во сингл ќе се натпреваруваат 248 девојки од 86 држави. Македонија е претставена од Ива Димитриевска и Ана Стојановска. Повторно седум држави имаат право на максимален број на учесници: Кинески Тајпеј, Сингапур, Романија, Кореја, Јапонија, Хонг Конг и Кина, како и Унгарија со шест учеснички.

237 парови од 98 земји ќе играат во машки парови, а 102 парови од 75 земји кај девојките. 147 пинг-понгари од 78 земји пријавени се во мешани двојки.

Нашите претставници, предводени од тренерот Владимир Закиќ, пред почетокот на Светското првенство се на подготовки во Зрењанин.