ППФМ го активира проектот за поголема застапеност на пинг-понгот како спорт

Пинг-понгарската федерација на Македонија активно се вклучува во различни проекти со кои го афирмира спортот кај најмладите. После проектот со Федерацијата за училишни спортови, проект со кој се отворија неколку тренинг центри во основните училишта ширум државата, во овој период работи на промоција на пинг-понгот меѓу студентите.

Како прв дел од овој проект, Пинг-понгарската федерација потпиша меморандум за соработка со Државниот студенски дом од Скопје. Целта на овој меморандум е воспоставување соработка помеѓу потписниците и креирање на партнерство во заложбата за унапредување на студентскиот стандард преку проект за анимирање на студентската популација и нејзино поголемо вклучување во спортските активност и здрави навики, кој ќе трае во период од една година од склучување на овој меморандум за соработка. Во рамките на овој проект ППФМ на студентскиот дом ќе му отстапи на користење три пинг-понгарски маси.

ППФМ во своите планови за во иднина од сверата на општествено одговорна дејност има зацртано да отстапи на користење пинг-понг маси уште на неколку студентски домови од државата. Целата оваа активност на ППФМ не остана незабележа од Агенцијата за млади и спорт, и како производ на успешната работа на федерацијата на сите полиња, ППФМ како и голем број на пинг-понгарски клубови и дел од најуспешните играчи во изминатиот период беа опфатени со распределбата на ваучери.

И во иднина ППФМ ќе продолжи да ги остварува своите планови за унапредување на пинг понгот како спорт, реализација на голем број проекти од областа на општествена одговорност со помагање на образовни институции со цел што поголем број млад играчи да имаат можност да се занимаваат со спорт.