• Зоран Мишевски

По речиси шестмесечна пауза од последниот првенствен натпревар и прекинот на првенството од минатата сезона поради пандемијата предизвикана од коронавирусот, со почитување на сите здравствени препораки, денес започна првенството во најсилната, Суперлига од пинг-понгарското првенство.
Првенството го прогласија за отворено второлигашите Куманово и Крива Паланка кои официјално го одиграа првиот натпревар од новата сезона. Во овој натпревар поуспешен беше тимот на Крива Паланка со 4-0.
Во Суперлигата, тимот на Младост 96 го има најсилниот состав, со државниот првак Станојковски, Петар Костовски исто така еднократен државен првак, како и Лашкоски и Рикалоски. Уште во првиот натпревар фаворитот убедливо со 4-1 го совладаа најсилниот тим од минатата сезона градскиот ривал Младост.
Прво коло:
Младост 96 - Младост 4-1
Крива Паланка 2007 - Радовиш 2-4
Шампион ФА - Вардар 4-1
Телеком НЕЦ - Работнички 2-4
Телеком НЕЦ 2 - Струга 4-3
Резултатите постигнати во првото коло навестуваат интересна сезона во Суперлигата. Во оваа сезона вкупно 32 клубови се натпреваруваат распоредени во четири лиги во машка конкуренција и една лига во женска конкуренција. Неколку од клубовите се натпреваруваат и со своите втори екипи.
Новитет во оваа сезона е формирањето на јуниорската лига, во која ќе учествуваат петнаесет клубови.