Пингпонгарската федерација го започна проектот за омасовување на спортот низ цела Македонија

ППФМ согласно стратешката определба за омасовување на овој спорт и добивање поадекватна основа за развој на квалитетни играчи на среден и долг рок, во текот на 2018 година со помош на повеќе спонзори и донатори обезбеди значителни материјални средства кои се искористени за набавка на огромна количина на пинг-понг маси, рингови, палки, топчиња и друг помошен материјал.

Во текот на 2019 година овие инвестиции во пинг-понг средства ќе бидат искористени за значително зголемување на базата на млади играчи во овој спорт преку отварање на поголем број на училишни секции во поголем број на основни училишта во државата. Овој проект на ППФМ го работи со подршка на Агенцијата за Млади и Спорт како и Федерацијата за Училишен Спорт а веќе е побарано и подршка од Меѓународната пинг-понг федерација (ИТТФ).

Во текот на првиот квартал на 2019 година, како пилот проект, започнати се подготвителни активности со една Општина во град Скопје за отварање на пинг-понг секции во пет основни училишта на територијата на оваа Општина. Во текот на оваа година оваа активност ќе се прошири во повеќе градови во државата со отварање на вакви секции во градовите Штип, Струмица, Битола, Прилеп и други градови. Во овие секции, под водство на стручни лица од ППФМ, во координација со наставници озбезбедени од Федерацијата на Училишен Спорт ќе ги совладуваат тајните на овој спорт на квалитетна опрема и без никакво финансиско оптеретување на родителите.