Пинг-понгарската федерација со поддршка на Специјалната олимпијада на Македонија

Пинг-понгарската федерација на Македонија уште еднаш покажува дека како општествено одговорна организација ги исполнува своите ветувања и ги реализира договорите со организациите со кои потпишала меморандуми за соработка.

Деновиве ППФСМ на Специјална олимпијада на Македонија им донираше опрема за пинг понг. Специјална олимпијада во вид на донација од ППФСМ доби: тренерки; дресови; спортски торби; тренинг рекети и топчиња за тренинг. Донацијата на оваа опрема всушност претставува само еден од чекорите на реализација на меморандумот потпишан од страна на ППФСМ и Специјална олимпијада во мај оваа година.

Со Меморандумот ППФСМ и Специјална олимпијада се обврзаа со заедничка соработка да придонесат за вклучување на лицата со интелектуална попреченост преку спорт, спортски активности и натпревари, промовирање на здрав начин на живеење, подигање на јавната свест за лицата со попреченост како и едукација за теми поврзани со овие таргет групи.

Специјалната Олимпијада Македонија и Пинг-понг федерацијата на Македонија се согласија дека нивната заедничка соработка ќе биде спроведена преку годишни активности и настани како: спортски тренинзи и натпревари, состаноци и друг вид на активности на кои ќе се промовираат горенаведените заеднички цели, заедничко учество во проектни активности реализирани на локално, регионално и национално ниво, како и секаков вид на активности кои ќе ја одразуваат заедничката волја и заложба за подршка на лицата со интелектуална попреченост.