Пинг-понгарите на Младост есенски прваци без ниту еден пораз во Суперлигата

Со натпреварите од шестото и седмото коло од двете најсилни лиги, Суперлигата и Првата лига денес во Прилеп заврши есенскиот дел од државното првенство во пинг-понг. Неприкосновен лидер на табелата е Младост од Прилеп, кој со максимален учинок, шест победи од шест натпревари ќе презими на првото место на суперлигашката табела.

Во екипата на Младост, Дејан Оцоколиќ и Ѓоко Јочкоски се непоразени, единствените два порази во екипата на Младост одат на контото на Александар Штаргоски. Најпријатното изненадување во првиот дел од сезоната е младиот играч на Шампион Фа од Штип, Дамјан Стојчев кој има само еден пораз во лигата, додека неговата екипа заврши на второто место зад Младост.

Најнепријатно изненадување е екипата на Вардар, актуелен државен шампион на Македонија, која е убедливо на последното место.

Во првата лига супериорни беа играчите на екипата на Телеком НЕЦ 2, кои со максимален учинок ја оправдаа улогата на фаворит и се најсериозен кандидат за освојување на првото место и пласман во Суперлигата.