Пинг-понгарите го очекуваат продолжувањето на шампионатите

Со подобрувањето на епидемиолошката состојба во државата и во очекување на укинување на одредбата за задолжителен ПЦР тест на натпреварувачите пред секој натпревар, пинг-понгарите го очекуваат продолжението на сезоната. Од пинг-понгарската федерација на Македонија веќе го изготвија и скратениот календар во кој приоритет ќе имаат државните првенства во сите категории и ТОП турнирите на кои ќе учествуваат најдобро рангираните играчи.

Исто така во плановите на пинг-понгарската федерација е учестовото на репрезентацијата на меѓународната сцена, Балканските првенства во Бугарија и Европското првенство во Полска.
И покрај тоа што пинг понгарското топче мирува од 18 aприл, во пинг-понгарската федерација се реализираат оние планови во кои што пандемијата не игра никаква улога во нивната реализација.

ППФМ во својот долгорочен план има зацртано континуирана поддршка на клубовите кои имаат активни школи за млади играчи, и кои постигнуваат забележителни резултати на младинските натпреварувања. ППФМ исто така секогаш им помага во екипирањето на опремата и на новоформираните клубови. Со последната таква акција со донирање на опрема на клубовите беа опфатени повеќе клубови меѓу кои Берово, Куманово, Пошта 2, Борец Тим и новоформираниот клуб Пелагонија од Битола.

Бидејќи младите играчи се оние кои најмногу го очекуваат продолжувањето на натпреварите пинг понгарската федерација планира и организирање на тренинг кампови за младинските категории.