Пинг-понгари од седум земји на Меморијалот „Илија Каревски - Каре“

Меѓународниот меморијален пинг-понгарски турнир „Илија Карески – Каре“, кој е во чест и спомен на големиот пинг-понгар, тренер и спортски работник, станува традиционален, со второто издание викендов во салата од ОУ „Добре Јованоски” во Прилеп.

Организаторот, клубот Младост 96 од Прилеп, објави учество на над 130 учесници од Албанија, Косово, Србија, Црна Гора, Грција, Бугарија и Македонија. Претстојат борби во два дена, на десет маси во повеќе категории. Најмали се пионерките и пионерите до 12 и 15 години, потоа младинките и младинците до 19 година, па сениорките и сениорите за кои има награден фонд од по 400 евра. Ветераните се во три групи – од 40 до 49, 50 до 64 и над 65 години.

„На наше задоволство, имаме учесници колку што очекувавме. Покрај пинг-понгари од речиси сите активни македонски клубови, меѓу нив двата прилепски клуба Младост и Младост 96, тука се и над 50 играчи од странство“, вели Златко Рикалоски, член на Управниот одбор на ППК Младост 96.

Пропозициите овозможуваат еден учесник да се натпреварува во две категории: младинските категории освен во својата и во постара, а ветераните освен во својата и во помлада.