• Зоран Мишевски
Финалната серија од плеј-офот на Суперлигата во пинг-понг почнува в недела во салата на ООУ „Добре Јованоски“ во Прилеп”. На мегдан се екипите Младост 96 и Крива Паланка. Прилепскиот тим ја брани титулата освоена минатата година и се стреми кон третиот трофеј, со оглед на тоа што беше шампион и во 2021 година.
За Крива Паланка настапуваат: повеќекратниот македонски првак Кристијан Станојковски, младинецот Александар Јакимовски и Србинот Ѓорѓе Петровиќ. За Младост 96 најавени се: Србинот Ѓорѓе Борчиќ, Антонио Стомнароски, Андреј Лашкоски, Александар Рикалоски, Лука Огненоски и Петар Костовски. Штипјанецот Петар Костовски доаѓа директно од Соединетите Амероикански Држави, каде од Младост 96 замина пред осум месеци и стана член на клубот од Каролина.
Што се однесува до финалната серија, Крива Паланка почнува со предност од 1-0, поради подобриот резултат во меѓусебните дуели во основниот дел на Суперлигата. Според тоа, ако Крива Паланка го добие мечот в недела, таа е нов шампион, а ако Младост 96 победи, во тој случај се игра уште еден меч, в понеделник во Крива Паланка.
Претходно, во полуфиналето, Крива Паланка беше подобра од скопски Телеком Нец 2, а Младост 96 од градскиот ривал Младост.