Младост 96 го доби прилепското дерби и стана нов пинг-понгарски шампион на Македонија

Во прилепското финале денес во градот под Марковите кули, градските пинг-понгарски ривали Младост 96 и Младост го одиграа финалниот натпревар од суперлигашкиот плеј-оф.

Со резултат од 4-1 екипата на Младост 96, предводена од тренерот Гоце Тошески, го заврши патот кон првата титула во Македонија во пинг-понг онака како што ја започна сезоната, убедливо славејќи во секоја пинг-понгарска пресметка. Младост 96 супериорно ја заврши сезоната забележувајќи дваесет победи од исто толку натпревари што е своевиден рекорд во македонското пинг-понг првенство.

Српскиот интернационалец во редовите на Младост 96, Стефан Костадиновиќ го отвори резултатот за водство од 1-0 против Теодор Кироски, на 2-0 за Младост 96 зголеми Петар Костовски кој славеше против Теодор Волканоски, за кого ова беше прво финале на еден плеј-оф натпревар. Претходно, Волканоски ја освои титулата државен првак во поединчна конкуренција за јуниори.

Во реприза на овогодинешното финале на Државното првенство за сениори, Кристијан Станојковски повторно славеше над Ѓоко Јочкоски за убедливи 3-0 за Младост 96. Единствената победа за Младост ја извојува Кироски во мечот со Андреј Лашкоски. За конечни 4-1 се погрижи Костадиновиќ, надигрувајќи го Јочкоски, со што Младост 96 се закити со титулата првак за сезоната 2020/21.