Македонските пинг-понгари без победа, златата од СП патуваат во Кина

Во Будимпешта заврши Светското првенство во пинг-понг во поединечна конкуренција. На ова првенство учествуваше и нашата репрезентација со четворица натпреварувачи. Боите на репрезентативниот тим на Македонија ги бранеа Кристијан Станојковски и Петар Костовски во машка конкуренција, и Ива Димитриевска и Ана Стојановска во женска конкуренција.

Нашите претставници ги загубија сите натпревари и рано го завршија своето учество, што е добар показател дека пред Пинг-понгарската федерација и играчите претстои многу работа за да се фати приклучок, барем за почеток со балканските држави за во иднина нашите играчи да бидат порамноправни со нивните противници во почетните фази на големите европски и светски натпреварувања

Сепак, на Светското првенство, Македонската федерација на дипломатски план забележа успех. На 23 април на годишното собрание на Медитеранската пинг-понг унија, нашата држава и асоцијација едногласно е примена како полноправна членка на ова унија. Со тоа се отвора можност на нашите репрезентации секоја година да учествуваат на силни шампионати со квалитетни репрезентации од калибарот на Италија, Шпанија, Франција, Грција, Турција.

На Светското првенство, очекувано потврдена беше доминација на Кина. Сепак, изненадија елиминациите на првите двајца светски играчи Фан Зендонг и Ксу Ксин. Во финалето актуелниот светски првак Ма Лонг ја одбрани титулата и воедно стана првиот играч за три светски титули освоени една по друга. Тој во мечот за титуката беше подобар од Швеѓанецот Матијас Фалк.

Во женска конкуренција детронизирана беше шампионката од 2017 година, Динг Нинг, која во полуфиналето беше поразена од Лиу Шивен, иако имаше предност од 2:0. Лиу во финалето ја совлада Чен Менг.

Следното Светско првенство во поединачна конкуренција ќе се одржи во 2021 година во Хјустон, САД.