Македонија првпат ќе организира турнир од ИИТФ серијата

Скопје во периодот помеѓу 8 и 12 октомври во СЦ „Борис Трајковски“ ќе биде домаќин на ИТТФ Светската јуниорска и кадетска серија од челенџ турнири во пинг-понг. По одржувањето на Балканското првенство во Скопје во текот на јуни годинава, со рекорден број држави учесници - дури 12, пинг-понгарската федерација на нашата земја се подготвува за организацијата на првиот турнир под покровителство на ИИТФ, отвореното првенство за јуниори и кадети.

Над 100 учесници и 50 официјални лица од повеќе од 20 земји од светот (Шведска, Индија, Норвешка, Шпанија, Италија, Словачка, Чешка, Хрватска, Перу, Србија, Бугарија и многу други) се очекуваат да пристигнат во Скопје и да се борат за титулите на овој тунрир како и за паричниот фонд на награди (4.000 долари и четири врвни телефонски апарати), обезбедени од организаторите и спонзорите на турнирот.

Доаѓањето на високи официјални лица од Светската и Европската пинг-понг федерација во време на турнирот, претседателот Томас Вајкарт (ИТТФ) и претседателот Роналд Крамер (ЕТТУ) како останати официјални лица и професионалци треба да обезбеди дополнителен мотив за развојот на пинг понгот во државата.

Од нашата земја ќе учествуваат вкупно 21 млади пинг-понгари, а додека траат подготовките за овој турнир, нашите млади репрезентативци се присутни на неколку турнири од оваа светска серија кои се организираат во Словенија, Хрватска и Србија.