Крива Паланка среде Прилеп ја слави пинг-понгарската титула

Плеј-офот на Супер-лигата во пинг-понг заврши и познат е новиот шампион. Тоа е екипата Крива Паланка, која со 4-2 го совлада домашниот Младост 96. Бидејќи Крива Паланка во плеј-офот влезе со водство од 1-0, поради подобриот резултат од меѓусебните дуели во основниот дел од лигата, овој тим со победа во првиот плеј-оф дуел стигна до 2-0, што значи и освојување на титулата. 

Драматично беше во салата на ООУ „Добре Јованоски“ во Прилеп”, на мечот кој го судеше Мирослав Николовски од Скопје. Крива Паланка прво доби две партии преку Мартин Стаменковски и Кристијан Станојковски. Потоа Младост 96 возврати по заслуга на Србинот Ѓорѓе Борчиќ. Следниот меч го доби Кристијан Станојковски за водство од 3-1 за Крива Паланка. Младост 96 намали преку Ѓорѓе Борчиќ, но Србинот Ѓорѓе Петровиќ дојде до клучна победа и Крива Паланка на тој начин го доби мечот 4-2 и ја освои титулата.

Пред голем број на гледачи, љубители на пинг-понгот, претседателот на Младост 96, Марјан Матракоски ги врачи медалите и пехарите.