• Зоран Мишевски

Минатиот викенд во Штип во организација на Пинг-понгарската Федерација на Македонија и ППК УГД од Штип како технички организатор, се одржа државното поединечно првенство на Македонија. На првенството учествуваа 60 натпреварувачи и тоа 46 во машка и 14 во женска конкуренција.
Нов државен првак во сениорска конкуренција стана Петар Костовски од ППК Универзитет „Гоце Делчев" од Штип, кој без ниеден пораз во финалето го победи Живко Апостоловски од ППК Вардар со резултат 4-2. Кај сениорките шампионка стана Дијана Ристовска од ППК Крива Паланка, откако во финалето ја победи Ива Димитриевска од ППК Куманово со резултат 4-1.
Во двојки нови државни прваци станаа Андреј Лашкоски и Ѓоко Јочкоси кои во финалето со 3-1 ги победија Матевски и Јованов од Вардар. Ристовска и Младенова во финалето во женски двојки беа подобри од Ана Стојановска и Ива Димитриевска.
Во мешани двојки прваци станаа Филип Младеновски и Надица Вчкова, откако во финалето беа подобри од Петар Митков и Тања Георгиева со 3-2. Финалистите во поединечните дисциплини ќе ја претставуваат Македонија на Европското првенство во Луксембург кое ќе се одржи од 13 до 17 септември.