Иванова прв меѓународен Врховен судија по пинг-понг од Македонија

Македонија за прв пат доби меѓународен Врховен судија по пинг-понг со лиценца “International Referee” добиена од Меѓународната пингпонгарска Федерација - ИТТФ.

Оваа лиценца во светот ја држат мал број на луѓе, а во Македонија единствено ја поседува Ангелина Иванова која е и една од најмладите судии на светската листа. Ангелина долги години се занимава со пинг-понгот како играч, судија и организатор на пингпонгарски натпревари. Таа ја имаше лиценцата за меѓународен судија  од 2016 година и има судено на повеќе од дваесет меѓународни натпревари меѓу кои и Европски и Светски првенства.

По успешните настапи на овие првенства, а по препорака на оценувачите на судии од ИТТФ и со поддршка на Пингпонгарската федерација на Македонија, Ангелина учествуваше на школата за Врховни судии “International Referee school” во Хелсинки, Финска од 13-16 октомври,  каде успешно ги помина сите тестови и вежби и официјално се здоби со лиценцата “International Referee”.

Со оваа лиценца Ангелина ќе може да води меѓународни натпревари од највисок калибар како Европски, Светски и отворени меѓународни турнири, а веќе од 2023 година се очекува да учествува на повеќе врвни турнири во Балканот како и престижниот втор по ред WTT Youth Star Contender турнир кој ќе се одржи во Скопје на почеток на септември 2023 година.