Велес е спортска престолнина на Македонија, започнаа спортски игри

Велес официјално го отвори своето најголемо и најпрепознатливо спортско случување – јубилејното петто издание на „Спортски игри - Велес 2026“, кое од 1 до 6 јуни ќе го претвори градот во вистинска спортска престолнина на Македонија. Во текот на шесте фестивалски денови, повеќе од 700 спортисти од 11 држави ќе се натпреваруваат во пет атрактивни спортови – 3x3 баскет, тенис, мал фудбал, одбојка на песок и дополнителни ревијални содржини, пред публика која се очекува да надмине
35.000 посетители.

Градскиот парк и спортските терени во Велес повторно ќе бидат центар на спортот, дружењето и позитивната енергија, собирајќи млади спортисти, рекреативци, семејства и љубители на спортот од Македонија и регионот. Со учесници од единаесет земји и рекорден број натпреварувачи, годинешното издание дополнително го потврдува статусот на Спортски Игри Велес како еден од најголемите спортски настани од ваков тип во државата.

„Спортски Игри Велес не се само натпреварување. Ова е фестивал на спортот, пријателството и младинската енергија. Горди сме што Велес и оваа година е домаќин на стотици спортисти од повеќе држави и што заедно испраќаме силна порака за важноста на спортот, здравите навики и меѓународното поврзување“, истакнаа организаторите на отворањето на манифестацијата.

Покрај спортските натпревари, посетителите ќе имаат можност да уживаат во богата забавна програма, музички настапи, активности за најмладите и бројни изненадувања кои ќе создадат незаборавна атмосфера во текот на сите шест дена.

Од своето основање, Спортски Игри Велес континуирано растат и се развиваат, привлекувајќи сѐ поголем број учесници и посетители. Денес тие претставуваат симбол на спортскиот дух на градот и значаен промотор на Велес како дестинација за спортски туризам и младински настани.

Со стартот на јубилејното издание, Велес уште еднаш покажува дека спортот обединува, инспирира и создава вредности кои траат. Во наредните шест дена градот ќе живее за спортот, а очите на спортската јавност ќе бидат насочени токму кон Велес.