• Зоран Мишевски

Вечерва во Маврово свечено беше отворено 26. Светско првенство во лов на крап – Маврово 2026, голем меѓународен спортски настан кој од 2 до 5 септември 2026 година ќе се одржува на Мавровското Езеро и ќе го стави Националниот Парк Маврово во центарот на вниманието на светската риболовна јавност.
Како што информираа од Национален парк Маврово на првенството учествуваат 33 земји со 99 тимови, кои во Маврово ќе ги одмерат своите знаења, тактика, издржливост и спортско мајсторство во една од најатрактивните дисциплини на спортскиот риболов.
Свечената церемонија на отворањето помина во знакот на спортот, пријателството и меѓународното единство. Беа претставени и поздравени сите учеснички екипи, а со интонирањето на химните на земјите учеснички беше испратена силна порака дека спортот ги поврзува луѓето без оглед на границите.
Пред присутните се обратија директорот на ЈУ Национален парк „Маврово“, Харис Ибраими, претседателот на Македонската риболовна федерација, Филип Серафимовиќ, градоначалникот на Општина Маврово и Ростуше, Онер Јакупоски, како и претседателот на Меѓународната федерација за спортски риболов во слатки води (FIPSed) и претседател на Меѓународната конфедерација за спортски риболов (CIPS), Claudio Ugo Matteoli.
Со свеченото отворање, Маврово официјално ја започнува својата улога како домаќин на едно од најзначајните светски натпреварувања во спортскиот риболов.