• Зоран Мишевски
Во спомен на жртвите од трагичната несреќа во Кочани, од денес е седумдневна жалост на територија на цела држава. Националното знаме на земјава ќе се вее на половина копје.
Ваквата одлука беше донесена на вчерашната вонредна владина седница, по трагичниот настан што се случи вчера наутро во Општина Кочани каде во несреќен случај при пожар на дискотека животот го загубија 59 млади лица, а над 100 луѓе се хоспитализирани и им се укажува лекарска грижа.
„Секој да се придржува до одлуката бидејќи казните за непочитување ќе бидат ригорозни. Во овие денови Министерството за надворешни работи ќе отвори книга на жалост во рамки на Министерството за огромната несреќа која се случи“, соопшти владината прес-служба.
Спортските настани во нашата земја се одложени, националните шампионите ќе го поместат календарот, а активни неделава ќе бидат само спортистите со интернационални активности според однапред дефиниратниот меѓународен календар. Најдобрата фудбалска репрезентација в сабота во Вадуц игра против Лихтенштајн во првото коло од мундинјалските квалификации, а истиот ден ракометарите на Алкалоид во Романија ќе играат против Баја Маре во четвртфиналето на Европскиот ЕХФ Куп.