Пристигна новиот семафор, реновирањето на спортската сала во Битола скоро готово

Се бројат деновите до пуштање во употреба на реновираната спортска сала „Младост“ во Битола. Од Општина Битола информираа дека со пристигнувањето на новиот семафор првата фаза е готова и недостигаат само детали кои во неколку дена ќе бидат финализирани и салата изградена пред повеќе од 40 години ќе го има замислениот лик. 

„Пристигна новиот семафор и првата фаза од реконструкцијата е завршена. Најмногу проблеми ни зададоа димензиите на теренот, кој сега одговара на барањата на светските организациии за одигрување на меѓународни натпревари. Санирани се проблемите на надворешниот дел на салата, а и затоплувањето во иднина нема да биде проблем. Ни преостанува само уште средување на ходниците, соблекувалните и тоалетите, но тоа е полесниот дел од работата и ќе биде подготвено за следната недела, кога свои натпревари ќе имаат ракометарите и кошаркарите“, велат од Општина Битола. 

На 6 април со мечот Пелистер - Металург во второто коло на плеј-офот на ракометната Суперлигата, официјално ќе биде одигран првиот натпревар во реновираната сала. На 8 април, кога во Битола треба да гостува Вардар, првпат на новиот паркет ќе играат и кошаркарите.