Ова не е обично видео – туку моделот за успех на норвешкиот спорт, кој се гради со години!

Ова не е само видео од неколку деца кои седат на тревник. Ова е видео од еден систем. Од една филозофија. Позади оваа „измислена традиција“ се крие реална, долгогодишна институционална пракса која се базира на убедување дека најголемата спортска инвестиција не е во стадионите, ниту во скапите трансфери, туку во децата.

Додека цела Норвешка слави историски пласман во четвртфиналето на Светското првенство и победата над Бразил, овие мали дечиња го гледаат својот национален тим и сонуваат. Некој од нив ќе посака да биде новиот Халанд, некој новиот Одегард, а можеби токму едно од овие деца за десетина години ќе ја носи репрезентацијата до нови успеси.

Но, тие не сонуваат случајно! Зад нив стои систем кој одамна сфатил дека детето не е машина за медали, туку човек кој треба да се развива. Таму тренерите прво учат како да бидат педагози, родителите се охрабруваат да бидат поддршка, а не дополнителен тренер, а резултатот никогаш не е поважен од љубовта кон спортот.

Кај нас, за жал, приказната многу честопати е сосема поинаква. Кај нас речиси секој мисли дека знае сè. Родителот знае подобро од тренерот. Тренерот мисли дека знае подобро од професорите. Функционерот знае најдобро од сите. На трибините има по десет селектори, по дваесет кондициони тренери и по триесет фудбалски експерти. Секој има мислење, секој има совет, секој е убеден дека токму неговиот начин е единствениот исправен.

„Абе тие мене ќе ми кажуваат? Јас сум во спортот триесет години.“

Токму оваа реченица можеби најдобро објаснува зошто толку тешко се менуваме.

Во Норвешка никој не тврди дека знае сè. Напротив, тие постојано учат, анализираат, ги следат науката и современите методи и не се срамат да признаат дека секогаш може подобро. Затоа денес нивните успеси не се случајност, туку логична последица на долгогодишна работа.

Не е случајно што покрај фудбалот, Норвешка произведува светски шампиони и олимписки медалисти во зимските спортови (најтрофејна држава на последните две ЗОИ), атлетиката, ракометот, шахот и во многу други дисциплини. Тоа не е талент кој паднал од небо. Тоа е систем што ги остава децата да растат без непотребен притисок и им дава време да се развијат.

Ова видео затоа вреди повеќе од илјада зборови. Не затоа што на него има деца кои се радуваат на фудбалски резултат. Туку затоа што на него се гледа иднината на една земја која одамна сфатила дека големите победи не почнуваат со четвртфинале на Светско првенство.

Тие почнуваат токму вака: со дете кое мирно седи на тревник, сонува и расте во средина каде што возрасните не му објаснуваат дека знаат сè, туку му помагаат еден ден само да го пронајде својот пат.

Можеби токму во тоа е најголемата разлика меѓу нив и нас. Тие го градат спортот заради децата. Ние, премногу често, го градиме околу егото на возрасните. И додека не го смениме тоа, ќе продолжиме да се восхитуваме на туѓите приказни, наместо конечно да почнеме да ја пишуваме нашата.

Резултатите на Норвешка што денес ги слави целиот свет не се случајност. Тие се производ на систем. А системот секогаш ја победува импровизација. И најважното, за овој систем не се потребни ниту пари, ниту кој знај какви услови за работа. Потребно е само желба, љубов, посветеност и напорна работа.