Одржан септемврискиот интернационален турнир во стрелаштво

Деновиве се одржа 14-от интернационален турнир во стрелаштво. Турнирот беше организиран од страна на Македонската спортска стрелачка федерација, предводена од претседателот Јордан Тасевски.

„Организација на ваков турнир претставува исклучително комплексна и макотрпна работа. Посебно ако се земе предвид дека овој турнир се организираше во специјални услови поради пандемијата на ковид-19. И покрај сите предизвици, турнирот помина во одличен ред и по сите светски стандарди“, изјави претседателот.

Покрај стрелачките клубови од цела Македонија, традиционално учествуваа и припадниците на МВР, генералштабот и тимови од специјалните единици на полицијата и Армијата на Република Македонија. Убаво беше да се види разноликоста на оружја кои се користеа во сите категории. Победниците во сите категории добија медали, а тимовите и пехари. Дамите, иако во помал број, остварија исклучителни резултати.

Драган Јовановски, Дарко Димовски и Јовица Спасовски беа најуспешни натпреварувачи по категории.