Најдоброто летово доаѓа во Барса: Нејмар, Гризман, Циндриќ, Миротиќ...

Најтрофејното спортско друштво во историјата, каталонскиот гигант Барселона готви бурно лето и ѕвездени засилувања во секоја од своите секции. „Мундо Депортиво“ од Барселона денес на својата насловна страница објави ликови од сите потенцијални засилувања на Барса ова лето.

Секако сите работи се вртат околу фудбалската екипа, за која одат и поголем дел од средствата од клупската каса. Купувањата на Гризман и Нејмар се најавени и весникот е убеден дека трансферите ќе се реализираат до 31 август кога се затвора летниот преоден рок. Гризман е скоро готова работа, трансферот ќе го чини клубот 120 милиони евра, колку што изнесува клаузулата во договорот на фудбалерот со Атлетико Мадрид.

Враќањето на Нејмар ќе оди малку потешко, иако и фудбалерот и соблекувалната на Барса одговори позитивно за враќање на „Камп Ноу“. Валверде за следната сезона го обезбеди „мозокот“ на Ајакс, Френки Де Јонг, кој утре ќе биде претставен во Барселона.

Кошаркарската секција, која го освои Купот на Кралот, сезонава веќе договори неколку големи засилувања. Клубот од „Палау Блауграна“ ги претстави Хигинс и Дејвис, а пред враќање во Шпанија се репрезентативците Миротиќ и Абринес.

Ракометната секција не стигна до седум титули во една сезона, бидејќи во полуфиналето на Ф4 во Келн наиде на мотивираниот Вардар. Чави Пасквал затоа се реши да го доведе поранешниот вардарец Лука Циндриќ. Хрватот пристигна во Каталонија од Киелце и треба да биде додадена вредност на и така силната екипа.

Дури и помалите секции доведоа огромни засилувања. Првакот на Шпанија во футсал , Барселона Ласа го доведе Бразилецот Даниел, со цел да биде компетитивна и да ја врати европската титула во своите витрини.

Ростерот во хокеј е посилен за Португалецот Нуњез, а женската фудбалска секција, чиј член до пред некој ден беше Наташа Андонова, ги засили своите редови со најдобрата шпанска фудбалерка Џенифер Хермосo.