Македонскиот олимпиец Лука Заложник ќе скока на „Скопје 2018“ во Хиподром

Претстојниот викенд на терените во Хиподром ќе се одржи традиционалниот коњички турнир „Скопје 2018“. Турнирот е меморијален и го носи името „Меморијал Д-р Јосиф Наумовски“.

Ќе учествуваат реномирани меѓународни гости - натпреварувачи, а на турнирот ќе се натпреварува и нашата олимписка надеж, Лука Заложник кој што има големи шанси не само да се пласира на ЛОИ 2020-та година, туку и да оствари забележителен резултат во Токио.

„Сум слушнал многу убави зборови за овој турнир и со нетрпение очекувам да и се претставам на македонската публика. Очекувам голема посетеност и можам да им ветам на сите што ќе се појават, дека нема да зажалат што одвоиле време да дојдат во Хиподром. Се враќам од Светските игри во САД, кои што се практично Светско првенство во коњичките спортови, каде што бев во средината на пласманот. Со малку среќа, можеше да се случи да бидам и во високите позиции во поредокот. Веке се концентрирам на настапот во квалификациите за ЛОИ 2020 и очекувам 2019-та година да биде наша година. Во Словенија, моите резултати не беа доволно ценети, а јас со гордост настапувам под македонското знаме и се надевам дека ќе ги оствариме сите наши очекувања, а тоа е пласман во Топ 10 на ЛОИ во Токио.“ - изјави Лука Заложник.

Заложник, кој во 2016 година стана балкански шампион, е македонски државјанин од 7 мај, 2015 година. Има 34 години и бројни настапи на меѓународната сцена. Датумите на натпреварите се 13 и 14 октомври, а стартот и на двата дена е од 10:00 часот.