• Горан Упале

Македонската покер репрезентација пристигна во Манчестер, каде денес започнува Светското првенство WCOAP 2026. Националниот тим е сместен во хотел во центарот на градот, а веќе ја одработи и првата посета на покер салата во која ќе се играат натпреварите.
Поради визни ограничувања за влез во Обединетото Кралство, како и професионални обврски, Македонија ќе биде ослабена без неколку искусни играчи, меѓу кои Симон Божиновски, Ице Боцески, Спасе Кленковски, Илија Савевски, Дадо Думаниќ, Софија Џаџева и Мики Фидановски.
Во составот за настап се Томче Спасески, Блерим Имери, Томе Јанев, Жаклина Маневска и Никола Трајанов. Единствен со претходно репрезентативно искуство е Спасески, кој минатата година беше прогласен за МВП на македонската селекција по освоеното второ место во генералниот пласман на WCOAP 2025.
Годинава Македонија за првпат ќе настапи во жолти дресови, а од оправдани причини на стартот ќе недостасуваат Блерим Имери и Жаклина Маневска. Тимот ќе биде дополнет со претседателот на Македонската покер федерација, Поп Гонов, кој ќе настапи во дисциплината Омаха.