Историски подвиг: Штипјанецот Тони Манев ја истрча ултра-маратонската трка во должина од 270 километри!

Со низа потешкотии и препреки, македонскиот ултра-маратонец, Тони Манев, успеа да ја заврши трката во должина од 270 километри, која се одржа на швајцарските Алпи, искачувајќи вкупно 15.000 метри. 

Со оглед на сите проблеми со кои се соочи Манев, овој спортски успех веројатно може да се нарече и подвиг на годината. Македонецот пронајде партнер од Јужна Африка, кој не е премногу познат по трките на долги дистанци, но заедно решија да настапат на овој спортски настан, притоа подготвувајќи се со исклучително напорни тренинзи за можеби најпознатата и најдолга трка во Европа. 

Манев се пожали и на големите финансиски проблеми, а притоа истакна дека не добил поддршка од ниту една компанија или државна институција. Нашиот тркач самиот ги обезбедил средствата за реализирање на трката и жали што ниту една посериозна инстанца не застанала позади неговите напори за успешно претставување на Македонија. 

Рутата на трката не била маркирана, па секој тркач морал да се снаоѓа со помош на ГПС системите. Во текот на трката им се придружил еден од најдобрите светски тркачи, Паул Андерсон од Шведска, со кого заедно продолжуваат кон целта. Нивните тела биле изложени на големи напори и временски промени, од 30 степени во текот на денот, до 10-12 степени во текот на ноќта. 

Во еден момент натпреварувачите трчале и низ тунел во должина од 1,2 километри, каде температурата била минус два степени. Манев вели дека кај него се појавиле големи болки во колената, но ништо не го спречувало да ја продолжи својата мисија. На крајот успеа да ја финишира трката на 49. позиција од вкупно 150 учесници. 

Токму нашиот Тони Манев, заедно со Алекс од Јужна Африка и Паул од Шведска, станаа првите претставници на своите земји кои успеаја да ја комплетираат оваа трка, која првично требала да биде долга 251 километар, но поради промената на рутата тие истрчаа 270 километри и искачија вкупно 15.000 метри. 

Навистина извонреден и несекојдневен момент за македонскиот спорт, а сите заслуги одат кај нашиот Манев, кој ветува дека и во иднина ќе се обиде да ја претстави Македонија во убаво светло, без оглед на тоа што не добива никаква поддршка за овие исклучително тешки спортски подвизи.