Голем гест на Меси, донираше за настраданите во мадридските пожари

Лионел Меси повторно покажа дека неговото влијание не завршува на фудбалскиот терен. Аргентинската ѕвезда донираше 80.000 евра за обнова на регионот Сиера Оесте во Мадрид, кој претрпе големи штети во страотните пожари. 

Иако најголемиот дел од кариерата го мина во Барселона, како голем ривал на мадридските клубови, Меси со овој потег испрати порака дека хуманоста е поважна од спортските ривалства.

Неговата донација е наменета за помош на локалната заедница и обновување на погоденото подрачје, а веста предизвика бројни позитивни реакции во Шпанија и низ светот.

За гестот јавно му се заблагодари и претседателката на Заедницата Мадрид, Изабел Дијаз Ајусо.

„Сакам да му се заблагодарам и се надевам дека наскоро ќе го пречекаме во Мадрид со аплауз каков што заслужува“, изјави Ајусо.

Меси и претходно учествуваше во бројни хуманитарни акции преку својата фондација, а оваа донација е уште еден пример за неговата поддршка на заедниците на кои им е потребна помош.