Ѓорческа ја заврши годината со стил - најдобра спортитска за 2016 година!

Македонската тенисерка Лина Ѓорческа е прогласена за најдобра спортистка на нашата земја во 2016 година.

Тенисерката зад себе остави година за паметење, со рекорден пласман во сингл и двојки, а исто така, првпат доби шанса да игра и на ВТА-турнир. На стартот на наредната сезона, нашата најдобра тенисерка ќе настапи и во квалификациите за Австралијан опен.

„Голема благодарност за поддршката која ја добив од сите страни во текот на оваа година. Премногу сум среќна, ова ми дава мотивација пред почетокот на јануари, месец во кој ќе бидам дел од Австралијан опен. Воедно, би сакала да им посакам среќа и на моите колеги од У21-репрезентацијата на Европското првенство. Се надевам дека наредната година пак ќе бидеме овде заедно и ќе се радуваме на поголеми спортски успеси“, изјави Ѓорческа.

Во борбата за спортитска на годината Ѓорческа успеа да ги победи Петра Матијашевиќ (таеквондо), Марија Божиновска (кик бокс), Елена Ѓорѓиевска (ракомет) и Наташа Стефановска (карате).