• Саше Љолес

Градот Валенсија и неговата околина доживеаја огромна трагедија по поплавите кои го зафатија овој регион. Досега вкупно 51 лице го загубија животот во страотната водена стихија, а се трага и по многу исчезнати лица.
Нашиот репрезентативен голман, Столе Димитриевски вели дека сцените биле шокантни, но за среќа тој не бил во епицентарот на случувањата.
„Ова е огромна катастрофа и трагедија за шпанскиот народ, за овој град и за државата. Немам прецизни информации, но знам дека ситуацијата е многу тешка. За среќа, јас не бев во епицентарот на овие случувања, затоа што живеам на периферијата на градот.
Ние сме добри и безбедни, иако и тука се случи неверојатно силна бура која изгледаше застрашувачки. Соиграчите ми кажуваат дека целиот град е под вода и дека дел од луѓето буквално пливаат за да им помогнат на настрадание. Се надевам дека Валенсија бргу ќе закрепне од оваа трагедија“, изјави Димтриевски.
Ситуацијата е алармантна, властите и меторолошките служби најавија и нови дождови, па затоа кон Валенсија веќе се упатија спасувачки служби од цела Шпанија, но и од соседните држави.