Запален олимпискиот оган на Специјалната Олимпијада во Берлин

На свечена манифестација во Атина, денес беше запален олимпискиот оган - Огнот на надежта, што од 17 до 25 јуни ќе се одржи во Берлин, а на која ќе учествуваат и атлети од нашата земја.

На церемонијата во Атина, каде што традиционално е запален олимпискиот оган, присуствуваше и грчката претседателка Катерина Сакеларопулу. Олимпискиот оган ќе замине за Берлин за свеченото отворање на Специјалната Олимпијада.

Светските игри на Специјалната Олимпијада Берлин 2023 се под мотото „Непобедливи заедно“, за првпат се одржуваат во Германија. Ќе учествуваат 7.000 атлети со интелектуална попреченост, кои ќе се натпреваруваат во 26 спорта, а меѓу учесниците се и репрезентативци од нашата земја.

„Се подготвуваме за да освоиме медали, но и да ги освоиме срцата на сите поттикнувајќи ширење на свеста за поинклузивно општество. Заедно, да ги прославиме уникатните способности и достигнувања на нашите исклучителни атлети“, напишаа на социјалните мрежи од Специјалната Олимпијада Македонија.

На Летните олимписки игри на Специјална Олимпијада во Абу Даби во 2019 година, нашите атлети освоија три златни медали во пливање, еден на 25 и два на 50 метри, еден сребрен медал на 50 метри атлетика и три бронзени медали во атлетика на 25, 50 и 100 метри.