Во Франција и за шест години ќе се одржат Олимписки игри!

Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) објави дека Франција ќе биде домаќин на Зимските Олимписки Игри во 2030 година.

Се предлага Олимписките игри во 2030 година да се одржат од 1 до 17 февруари, додека Параолимписките игри ќе следат од 1 до 10 март. Местото на одржување ќе биде француските Алпи, поточно Висока Савоа, Савоа, Брајансон и Ница.

Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) ја прифати кандидатурата на Франција, но со приложени услови и потпишување гаранции од претседателот Емануел Макрон. Првиот човек на Франција рече дека идната влада што ќе се формира по Летните Олимписки Игри во Париз ќе ги преземе сите организациски гаранции што ќе треба да ги потпише идниот премиер на Франција. Членовите на Интернационалниот олимписки комитет  ги прифатија неговите гаранции и го одобрија со 84 гласа „за“, 4 „против“ и седум воздржани.

Зимските Олимписки Игри по четврти пат ќе се одржат во Франција. Претходно, домаќини беа Шамони во 1924 година, Гренобл во 1968 година и Албервил во 1992 година.