• Зоран Мишевски
Одбројувањето официјално започна. За само 22 дена, Македонија ќе биде домаќин на најголемиот мултиспортски настан во својата историја – 18-тото издание на Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ). Од 20 до 26 јули, под мотото „Заедно, блескаме“, нашата земја ќе пречека речиси 4.000 млади спортисти и учесници од 48 европски земји, кои ќе го покажат својот талент и ќе се борат за медали во 15 различни спортови.
Иако главен град-домаќин е Скопје, значајна улога во овој европски спектакл ќе има и Куманово, кој ќе биде центар за четири атрактивни дисциплини. Спортската треска во градот ќе започне на 21 јули во реновираната спортска сала со кошаркарскиот дуел помеѓу младинските репрезентации на Македонија и Словенија. Покрај машката и женската кошарка, Куманово ќе биде домаќин и на натпреварите во велосипедизам (22-24 јули) и планински велосипедизам (23 јули). За потребите на организацијата, во градот веќе се акредитирани над 450 учесници.
Богатата спортска програма на фестивалот вклучува и други спортови како атлетика, пливање, џудо, ракомет, одбојка и баскет 3х3, кои ќе се одржуваат на најсовремените борилишта во Скопје, додека уметничката гимнастика ќе се одржи во Осиек, Хрватска, давајќи му на настанот и регионална димензија.
Добрата вест за сите љубители на спортот е дека влезот за сите натпревари ќе биде целосно бесплатен, со цел да се овозможи што помасовна поддршка за младите олимписки надежи. За организацијата ќе се грижат и над 800 волонтери, а официјална маскота на настанот е сонцето „Шајни“ (Shiny), кое ја симболизира младешката енергија и пријателството.
За сите оние кои нема да можат во живо да ги следат натпреварите, тука е Спортска Станица, која со својот тим ќе се погрижи секој возбудлив момент од ЕМОФ 2025 да стигне до пошироката јавност.
ЕМОФ не е само натпревар, туку и платформа за создавање нови пријателства и промоција на олимписките вредности. За Македонија, ова е уникатна можност да се претстави како врвен организатор и да биде сцена на која ќе се родат идните европски спортски ѕвезди.