• Горан Упале
Руската лизгачка Камила Валиева ќе може да продолжи да се натпреварува на Зимските Олимписки Игри, откако Судот за спортска арбитража одлучи да не изрече привремена суспензија на 15-годишното девојче кое падна на допинг тест во декември.
„Врз основа на многу ограничени факти поврзани со овој случај, и по разгледување на релевантни правни прашања, беше одлучено на спортистите да не им се дава привремена суспензија.
Од судот не беше побарано да ги испита правните последици поврзани со резултатите од екипното натпреварување во уметничко лизгање, бидејќи таквите прашања ќе се разгледуваат во други постапки“, се вели во соопштението.
Судскиот совет објави дека спречувањето на младата лизгачка да се натпреварува ќе и нанесе „ненадоместлива штета“. Таа има неполни 16 години и е заштитено лице според кодот на Светската антидопинг агенција.
Валиева беше позитивна на недозволена супстанца на крајот на декември минатата година. Во меѓувреме, таа се натпреваруваше во Пекинг и ѝ помогна на рускиот тим да го освои златото во екипна конкуренција.
Меѓународниот олимписки комитет, Светската антидопинг агенција и Меѓународната унија за лизгање поднесоа жалба на одлуката на Руската антидопинг агенција да ја укине суспензијата на 15-годишната Валиева.